ВОЗБУДЕН СУМ ШТО ЌЕ ИГРАМ ПИКЛБОЛ СО МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ИТАЛИЈА, ВЕЛИ ПЕРЕ ОД „НОКАУТ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музичарот Никола Перевски-Пере една година активно игра пиклбол и се подготвува за Европското првенство во Рим, кое ќе се одржи од 17 до 23 септември. Фронтменот на групата „Нокаут“ ќе биде дел од македонската репрезентација и вели дека за овој спорт налик на тенис дознал пред две години.

„Прво дојдов на тренинг преку тенисот, а потоа луѓето од Пиклбол асоцијацијата на Македонија ме поканија да пробам. Со тек на време тоа прерасна во љубов, а денес ми е чест да бидам амбасадор на Асоцијацијата. Овој спорт не е само игра, тоа е и дисциплина и начин да останеш присутен и радосен во секој момент“, вели Перевски.

Перевски со македонската пиклбол реперзентација (Фото: Приватна архива)

„Го одбрав пиклболот зашто е спорт кој поврзува. Ги зближува генерациите, луѓето од различни култури и карактери. Како музичар навикнат сум од бина да ја чувствувам енергијата на луѓето пред мене, а на теренот е исто, тимска игра, заедништво и споделена емоција. Пиклболот покажува дека здравјето не е само физичко, туку и ментално и дека спортот може да биде мост меѓу културата и секојдневието“, ни рече Пере.

Македонија за првпат ќе учествува на европско првенство во пиклбол, а музичарот вели дека е среќен што е дел од националниот тим како играч. За него, тоа е историски момент.

„За мене,,ова е исто толку возбудливо како кога со ‘Нокаут’ го снимавме петтиот албум, како што сега се подготвуваме за турнејата во Германија во ноември. И во спортот и во музиката ја има истата магија, излегуваш пред светот и ја покажуваш својата вистинска енергија“, вели Перевски.

Пиклболот вели му помогнал да ослабне и да се чувствува полесно.

Пере тренира пиклбол активно една година (Фото: Приватна архива)

„Бев поправен, можам да кажам, подолг период, но метаболизмот ми е таков што брзо се поправам и за многу краток период слабеам. Тренирам редовно и тенис и пиклбол, доволно за да го одржам балансот помеѓу телото и умот. Изгубив и неколку килограми, но многу е поважно што се чувствувам полесно, поенергично и послободно. Слабеењето е само последица, суштината е дека спортот е природен извор на сила и радост и најважно ми е како се чувствувам. Пиклболот е прекрасен токму затоа што може да го игра секој, буквално од 7 до 77 години и тоа ја прави играта универзална“, низ насмевка вели Пере.

За него, спортот и музиката се две сцени што се надополнуваат.

Пиклболот е прекрасен токму затоа што може да го игра секој, буквално од 7 до 77 години и тоа ја прави играта универзална, вели Перевски (Фото: Приватна архива)

„Со едното ги градиме телото и духот, со другото ја храниме душата. Кога ќе се спојат, се создава енергија што инспирира цела заедница. Верувам дека токму во тоа е иднината, здрава нација која се движи, создава, се поврзува и се препознава преку вистински вредности“, рече музичарот.

Тој го помина речиси целото лето со семејството во Охрид и оттаму патуваше на сите настапи со „Нокаут“.

М. ЏАРОВСКА