Според едно неодамнешно истражување, чедарот е најпопуларното сирење во Велика Британија, најомилено во САД и Австралија и едно од најчесто користени во Канада. Иако е едно од најконсумираните сирења на светот, тој нема заштитено потекло и денес индустриски се произведува во десетина земји.
Но, ако сакате да го вкусите автентичниот чедар, треба да посетите село со 5.400 жители во округот Сомерсет во југозападна Англија. Тука, во селото Чедар, средновековните производители на сирење ги користеле пештерите во високите варовнички карпи како природни фрижидери. Тогаш и векови подоцна, чедарот се правел во мали индивидуални млекарници, кои пред Првата светска војна ги имало повеќе од 3.500. Тој број паднал на стотина до крајот на Втората светска војна, а потоа со години никој не правел чедар во Чедар.
Тоа конечно се променило во 2003, кога мештаните Кетрин и Џон Спенсер ги обновиле методите на производство на ова сирење и денес за него собираат меѓународни награди.
„Забележавме дека на пазарот го нема традиционалниот чедар и така почнавме“, рече Кетрин.
Според историчарите, чедарот потекнува од 14. век. Неговиот супериорен квалитет набргу го привлекол вниманието на богатите лондончани и тој пошироко се здобил со добар углед уште во 15. век. Како што Британците се ширеле низ светот, така и чедарот стигнал во САД, Канада и Австралија. Толку почнал да се произведува надвор од Англија, што САД станале нејзин главен снабдувач со чедар, уништувајќи ја локалната индустрија.
Кетрин Спенсер посочува дека раната популарност на чедарот се должела на климата и топографијата на селото.
„Во Сомерсет доста врне, што создава квалитетна трева, од која кравите ја добиваат вистинската комбинација на протеини и масти во нивното млеко за да се прави квалитетно тврдо сирење. Како и нашите претци, и ние почнуваме да го правиме сирењето еден час по молзењето, а потоа тоа зрее во пештера, што му дава поземјен и посложен вкус од другите сирења“.