Експериментот што го почнале двајца Хрвати во 2009 година, кога го складирале нивното вино во длабочините на Јадранското Море, ќе стане интерактивен, бидејќи тие планираат да канат гости да нуркаат за нивниот пијалок.
Иво Шеговиќ и неговиот партнер Еди Бајурин ги поставиле нивните шишиња со црвено вино 20 метри под површината, за да видат што ќе се случи.
Од следната година, тие планираат да им нудат на муштериите да нуркаат заедно со персоналот, за да го одберат соодветното вино за нивниот оброк.
„Во заливот на Мали Стон, на таа длабочина има постојана температура од 15 Целзиусови степени. Тоа е идеална средина за чување црвено вино“, вели Шеговиќ.
Сепак, настанале проблеми, бидејќи морската вода понекогаш навлегувала во шишињата, а продираат и сончевите зраци.
„Ни требаа три години да го решиме тој проблем и дојдовме до решение со восок и соодветна плута. Потоа ни текна да ги ставаме во амфори. И ни успеа“, вели Шеговиќ.
Виното наречено „мистериум“, произведено од локално грозје, стоело во длабочините 700 денови, а поради уникатноста, едно шише чини 280 евра.
„Поради необичниот начин на чување, вкусот на виното од морето, споредено со она кое се чува во складиште, е помек. Содржи помалку алкохол, а доминира вкусот на цреши и сливи“, рече сомелиерот од Дубровник, Дарко Дабиќ.
Шеговиќ и Бајурин го продаваат виното во нивниот ресторан на северниот дел на полуостровот Пељешац, заедно со локални сирење и пршута.
„Повеќе од 90 отсто од гостите се странци. Нашите вина се попознати во странство отколку во Хрватска“, велат тие.