На крајот на вчерашниот историски секорејски самит, откако беше најавено прогласување траен мир и целосна денуклеаризација на полуостровот, имаша една работа околу која двете, до неодамна непријателски страни лесно можеа да се согласат: ладните тестенини од Северна Кореја се вкусни.

Ким Џонг-Ун дури со себе поведе готвач од најпознатиот ресторан во Пјонгјанг, за да му подготви оброк на јужнокорејскиот претседател Мун Џае-Ин.

„Проверував вести и луѓе многу зборуваат за храна. Направивме напори да донесеме наши ладни тестенини од Пјонгјанг. Претседателе Мун, не срамете се и ве молам, уживајте во нив“, кажа Ким.

Ресторанот „Ву Лае Оак“ во Сеул е отворен четири години пред почнувањето на Корејската војна (1950-53) и денес е носител на престижните ѕвезди на „Мишелин“. Иако постојат многу верзии на ова јадење, од ресторанот велат дека специјалитетот од Пјонгјанг се состои од ладно говедско или фазанско месо и тестенини од леќа, што се служи со парчиња говедско, кисел зеленчук и круши.

Тестенините не само што станаа еден од најпопуларните поими на Твитер, туку весникот „Кореа хералд“ забележува дека на полуостровот се појавил нов симбол на мирот.

„Тоа веќе не е гулаб, туку ладните тестенини од Пјонгјанг“.