МЛЕКО ОД КОБИЛА Е ТОЛКУ ЗДРАВО ШТО КИРГИСТАНЦИТЕ СЕ БАЊААТ ВО НЕГО

Бишкек, (Ројтерс)

Киргистан се обидува да привлече повеќе туристи со промоцијата на кумис, ферментирано млеко од кобила, за кое локалните жители велат дека е толку здраво, што не само што го пијат, туку и се бањаат во него.

Важноста на кумисот за киргистанската култура се огледа и во тоа што главниот град Бишкек е именуван според лопатката што се користи за матење на ферментираното млеко.

(Фото: РФЕ)

Преку промотивни филмови и фестивали, оваа централноазиска држава ги охрабрува туристите да го искусат традиционалниот киргистански номадски живот со спиење во јурта на бујно планинско пасиште покрај стадо коњи, кои го даваат млекото. Туристите тука можат да пијат свежо локално млеко познато како самал.

Молзење кобила е далеку посложено од молзење крава и притоа мора да се прегрне бутот на животното. Се прави од средина на мај до средина на јули, а традиционалниот знак за крај на молзењето е појавата на Плејадите на ноќното небо.