Ресторатерот Адо Кампеол, кој од италијанските медиуми е опишан како „таткото на тирамису“, почина на 93 години. Тој беше сопственик на ресторанот „Але Бекерие“ во Тревизо во северна Италија, каде што славниот десерт бил измислен во 1969 година од неговата сопруга Алба и готвачот Роберто Лингванато.

Тирамису, чии главни состојки се бисквити натопени во кафе и сирењето маскарпоне, било додадено во менито во 1972, но семејството Кампеол никогаш не го патентирало. Со поширока популарност се здобило откако во 1981 се појавило во кулинарското списание „Венето“.

Алба и Адо Кампеол во нивниот ресторан „Але Бекерие“

Иако подоцна се појавија спорови околу вистинското потекло на десертот, „Академијата тирамису“ вели дека тој речиси сигурно е создаден во „Але Бекерие“.

Според Лингванато, тирамису било осмислено случајно при правење на сладолед од ванила, откако во сад со јајца и шеќер додал малку маскарпоне. Тој и Алба го усовршиле рецептот, додавајќи бисквити натопени во кафе и какао.

„Але Бекерие“ е отворен во 1939 година од семејството Кампеол, а Адо го презел бизнисот на крајот на Втората светска војна.