Размена на искуствата поврзани со врсничкото насилство ќе бидат овозможени на работилниците наменети за родители што и следната година ќе ги организира „Макпетрол“. Изминативе месеци компанијата реализира седум вакви едукативни средби на кои учествуваа над 1.500 родители.
Настаните опфатија 10 од вкупно 26 општини што досега се приклучија и ја поддржаа општествено одговорната кампања на компанијата.
„Најзасегнати се децата и учениците, но и родителите, заедно со наставните и со стручните служби во училиштата се тие што најмногу можат да помогнат кога овој проблем ќе се појави. Нашата кампања придонесе комуникацијата за врсничкото насилство да стане поотворена и похрабра во Македонија, но свесни сме дека за оваа тема и натаму не е лесно да се зборува, особено од аспект на родител. Благодарни сме на секој родител што учествуваше на работилниците и особено ни е драго што беше голем бројот на тие што ги споделија своите лични искуства и гледишта“, рече Марија Јосифовска-Спасовска, член на управниот одбор и директор во „Макпетрол“.
Работилници за родители досега се одржаа во Штип, каде што учествуваа и граѓани од Свети Николе, потоа во Кисела Вода, Карпош, Аеродром, Центар, Куманово, како и во Кочани, каде што учествуваа и граѓани од Виница и од Берово. Водител на овие настани е Сашко Коцев, а за стручниот дел од темата е задолжен психологот Деспина Стојановска. На секоја од овие средби учествуваа и членови на стручните служби на основните училишта.
Едукативните средби со родителите се организираат по работилниците предводени од психолог кои „Макпетрол“ ги организира во повеќе од 150 училишта. Ученици од 26 општини што се приклучија на општествено одговорната кампања активно учествуваа во овие работилници.