86-ГОДИШЕН СУПЕРФАН НА РЕАЛ МАДРИД СЕДУМ ДЕЦЕНИИ ГО СЛЕДИ КЛУБОТ, ВО ЖИВО СВЕДОЧЕЛ НА 14 ОД 15-ТЕ ЕВРОПСКИ ТИТУЛИ

Мадрид, (Ројтерс)

Европскиот Суперкуп во Варшава беше последната станица за 86-годишниот суперфан на Реал Мадрид, Хуан Антонио Кобос, кој веќе седум децении непрекинато го следи „кралскиот клуб“ од трибините.

Во февруари, пензионираниот фармацевт прими златно-дијамантско признание од Реал Мадрид на церемонија на која им беше оддадена почит на најстарите членови на клубот.

Тоа се провлекува низ семејството, и мајка ми и татко ми беа навивачи на Реал. Кога имав шест години, тие првпат ме однесоа на стадион да го гледам Реал“, кажа Кобос.

Откако се преселил во Мадрид на 17 години за да студира фармација редовно почнал да оди на натпревари. Потоа го запознал Федерико Кано, уште еден посветен фан на Реал и заедно почнале да го следат клубот и во странство, претворајќи го тоа во животна авантура. Во 1956, тие го гледале првото финале на Купот на европските шампиони, кога Реал го совладал Ремс со 4:3.

Тоа беше епски меч. Тој Реал, со Ди Стефано, беше неверојатен. Но, додека го гледавме мечот не бевме свесни дека присуствуваме на раѓањето на натпреварувањето кое ќе стане славно во светот“, кажа Кобос.

Тој во живо сведочел на освојувањето на 14 од 15-те европски титули на Реал.

Не бев само на третото финале, во Брисел во 1958. Го пропуштив зашто паднав испит и татко ми не ме пушти да одам“, се присети тој.

Кобос вели дека не може да ја објасни својата страст.

Некои ми велат дека сум луд, но јас сум далеку од тоа. Имам вообичаен семеен живот, со мојата сопруга се венчавме во 1964. Таа не дојде во Варшава поради здравствени проблеми, но со мене беше ќерка ми. Мојата радост се семејството и Реал Мадрид“, кажа Кобос.