Брајан Кренстон, ѕвездата на серијата „На лош пат“ (Breaking Bad), откри дека бил заразен со коронавирус и дека потоа донирал плазма бидејќи содржи антитела.

Шеесет и четиригодишниот американски актер не откри кога бил заразен, но навести дека тоа се случило во раната фаза од пандемијата. Кажа дека имал благи симптоми, како главоболка и затегнатост во градите и го изгубил чувството за мирис и вкус.

„Бев доста прецизен во придржувањето до протоколите, па, сепак, некако се заразив. Носете маска, мијте раце и почитувајте социјална дистанца“, порача Кренстон на Инстаграм.

Тој исто така се снимал себеси како донира плазма во болница во Лос Анџелес.

„Целиот процес трае околу еден час“, вели Кренстон, додавајќи дека за тоа време гледал филм од 1950-ите.