НЕПАЛ ОД ЕСЕН ПОВТОРНО ЌЕ ГИ ДОЗВОЛИ ИСКАЧУВАЊАТА НА МОНТ ЕВЕРЕСТ

Катманду, (Ројтерс)

Непал објави дека ќе ги отвори Хималајските планини, вклучувајќи го и Монт Еверест, за планинари оваа есенска сезона, со цел да ја поттикне економијата која доста зависи од туризмот.

Дом на осум од 14-те највисоки планини на светот, Непал ги забрани искачувањата во март за да се спречи ширењето на коронавирусот, од кој досега се заразиле речиси 20.000 луѓе, а починале 52.

„Повторно ќе го дозволиме планинарењето и ќе почнеме да издаваме дозволи за есенската сезона. Планинарите ќе мора да ги следат здравствените протоколи издадени од владата“, изјавија од непалското министерство за туризам.

Есенската сезона на искачувања трае од септември до ноември. Непал оствари милионски загуби поради откажувањето на популарната пролетна сезона во април/мај, што погоди стотици странски планинари и 200.000 шерпаси и водичи.