Пандемијата на коронавирусот ги запре и оние моменти од животот во кои што шампањот беше неизбежен зачин, како свадби, прослави, забави и меѓународни патувања.

Производителите од источниот француски регион Шампањ, седиштето на глобалната индустрија, проценуваат дека оваа година им пропаднале продажби во вредност од 1,7 милијарди евра, додека приходите се намалиле за една третина. Тие очекуваат околу 100 милиони шишиња да останат непродадени до крајот на годината.

Преживуваме криза за која може да се каже дека е полоша и од Големата депресија од 1930-ите“, вели Тибо Л‘Меју од Шампањскиот комитет, кој претставува 16.000 производители.

Како и земјите кои произведуваат нафта, комитетот секоја година ја регулира големината на жетвата за да се избегне претерано производство, што би можело да ја намали цената на едно шише. Комитетот очекува оваа година да бидат уништени рекордни количества грозје или продадени на дестилерии по намалени цени.

Ќе уништуваме грозје и уште ќе плаќаме за тоа. Тоа е вистинска катастрофа. Навреда за природата е вака квалитетно грозје да заврши за производство на алкохол или дезинфициенси за раце. Вакво нешто никогаш не сме доживеале, продажбата нагло да падне за една третина“, вели Анселм Селосе од „Жак Селосе шампањс“.

Некои големи производители проценуваат дека кризата би можеле да трае со години.

Шампањот ги преживеал сите војни, а сега не гледаме излез, барем додека не се најде вакцина“, додаде Селосе.