Американците се втората најуспешна нација во историјата на зимските олимписки игри, зад Норвешка, но, сепак, постои еден спорт во кој никогаш не освоиле медал.
И покрај огромната бројка од 282 освоени медали во досегашните учества на 23 зимски олимпијади, подиумот упорно им бега во еден спорт – биатлон.
Иако влече корени од Скандинавија од 18. век, првиот модерен натпревар во биатлон бил организиран во Осло во 1912 година, а сегашната верзија на спортот беше вклучена во олимписката програма во 1960 година, на Игрите во Скво Вели, Калифорнија. Женските трки беа додадени во Албервил во 1992 година.
Иако измислен од норвешката војска, најмногу олимписки медали во биатлон има освоено Германија – 45, од кои 16 златни.
Најдобриот резултат на американските биатлонци е осмото место на Лоувел Бејли на претходните Игри во Сочи. Тој испушти бронза само поради тоа едно промашување во 20-те пукања. Бејли напредуваше во меѓувреме, па освои злато на ланското Светско првенство во Австрија, како прв Американец на кој му успеало тоа.