НОРВЕШКИТЕ ОЛИМПИЈЦИ ПО ГРЕШКА НАРАЧАЛЕ 15.000 ЈАЈЦА

Пјонгчанг, (Гардијан)

Готвачите на норвешкиот олимписки тим останале во чудо кога добиле 13.500 јајца повеќе, како резултат на необјаснива грешка при нарачката на храна за своите гладни 109 спортисти во Пјонгчанг.

Тие сакале да нарачаат 1.500 јајца, но место тоа, им биле испорачани дури 15.000.

„Ни стигна половина камион јајца. Немаше крај на испораката, беше неверојатно“, кажа главниот готвач на Норвежаните, Стале Јохансен.

За среќа, додава тој, откако сфатиле дека е грешка, им било дозволено да го вратат вишокот во локалниот супермаркет, но остана нејасно како дошло до ова.

Според една верзија, тие при нарачувањето се послужиле со сервисот за преводи на Гугл, но корејскиот јазик, исто така, има сложен систем на гласови, па еден изменет слог може да направи голема разлика.