Наградата за високо актерско достигнување на 33. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица ја доби актерката Биљана Драќичевиќ-Пројковска од Драмскиот театар Скопје. Таа е наградена за улогата на Корин Фел во претставата „Гадионовиот јазол“ од Џоана Адамс, во режија на Драгана Милошевски-Попова.
За наградата одлучи жирито во состав Лео Долорес Поповиќ, минатогодишниот лауреат на фестивалот, Анастас Попдимитров (актер и режисер) и Иван Додовски универзитетски професор и драмски автор.
Тие во изминатите пет дена во Струмица проследија 12 претстави со околу 40 актерски ролји, но едногласно одлучија паричната награда од 1.500 евра и златен медалјон со ликот на Ристо Шишков да ѝ припадне на Драгиќевиќ-Пројковска.
„Во улогата на Корин Фел, мајка што трага по одговори за смртта на својот син, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска покажува фасцинантна доследност и суптилна самоконтрола во водењето на ликот, остварувајќи моќна и осмислена улога“, стои во одлуката на жирито.
Покрај главната награда, жири-комисијата одлучи да додели и специјална награда за најдобра претстава на Фестивалот, за претставата „Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во адаптација и режија на Мартин Мирчевски, во изведба на Народниот театар од Битола.
В. ТРАЈКОВ