БОРБАТА СО ЗАВИСНОСТИТЕ Е ДОЖИВОТНА И ТЕШКА, РЕЧЕ БЕН АФЛЕК ПО РЕХАБИЛИТАЦИЈАТА

Лос Анџелес, (Скај)

Холивудскиот актер Бен Афлек ја заврши 40-дневната рехабилитација од алкохол, но вели дека справувањето со зависностите е „доживотна и тешка битка“.

Актерот, продуцент и режисер, кој беше на одвикнување и во 2001 и 2017 година, на Инстаграм напиша дека барањето помош било знак на храброст, не на слабост или, пак, пад.

Афлек додаде дека сега продолжува со амбулантска нега.

„Поддршката која ја добив од семејството, колегите и од обожавателите ми значи многу повеќе отколку што можам да изговорам. Ми даде сила да можам да зборувам за мојата болест со други луѓе“, напиша 46-годишниот глумец.

„Справувањето со која било зависност е обврска со полно работно време. Се борам за себеси и за мојата фамилија“, вели Афлек.