БОРИС ЏОНСОН МОРА ДА ГИ ПРОМЕНИ И ПЛАНОВИТЕ ЗА СВАДБА ОТКАКО ПОДНЕСЕ ОСТАВКА

Лондон, (Би-Би-Си)

Британскиот премиер на заминување Борис Џонсон мора да ги менува и плановите за свадба откако вчера поднесе оставка под силен притисок на своите сопартијци. Тој се повлече од претседателската позиција во Конзервативната партија, но ќе остане премиер до есен.

Забавата требаше да се одржи во Чекерс, официјалната резиденција на британскиот премиер (Фото: Гети)

Џонсон и неговата сопруга Кери минатата година одржаа мала, ненајавена венчавка во катедралата Вестминстер, при што овој месец планираа поголема свадбена веселба во Чекерс, официјалната резиденција на премиерот на Велика Британија, сместена во рурален дел во југоистоична Англија. Сепак, по силните критики за изборот на локацијата, Џонсон мораше да ги промени плановите.

Како што јавуваат британските медиуми, Џонсон и Кери веќе ги испратиле поканите за забавата во Чекерс на крајот на јули, но таа сега ќе биде преместена на друга локација. Ова е трет брак за Џонсон, кој веќе доби две деца со новата сопруга.