БРАНКО ЃУРИЌ-ЃУРА ГОСТУВА СО ШОУТО „ЃУРОЛОГИЈА“ ВО БИТОЛА НА 30 МАЈ, А ВО СКОПЈЕ НА 31 МАЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Двата одложени стендап шоуа „Ѓурологија“ на познатиот босански актер и музичар Бранко Ѓуриќ-Ѓура ќе се одржат на 30 мај во Центарот за култура во Битола и на 31 мај во Филхармонијата во Скопје, објави „Авалон“.

Ѓуриќ доаѓа во Скопје по повод 10 години од шоуто „Ѓурологија“, кое е едно од најпопуларните во регионот, а го има играно и низ Европа. Организаторите велат дека овој негов настап ќе се разликува од сите досегашни.

Ѓуриќ се прослави како еден од култните ликови во серијата „Топ листа на надреалистите“. Беше и пејач и гитарист на сараевскиот рок бенд „Бомбај штампа“. За време на војната во Југославија се пресели во Словенија. Има глумено во филмовите „Дом за бесење“, „Како пропадна рокенролот“, „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски и „Во земјата на крвта и медот“, кој го режираше Анџелина Џоли.