„ЧУДНА СЛУЧКА ВО ГРАТЧЕТО КАПИ И ШТИЦИ“ НА ПОЛАЗАРЕВСКИ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „ОЛИВЕРА НИКОЛОВА“ ЗА 2026

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ракописот „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ од Ванчо Полазаревски ја доби наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2026, соопшти денеска Оливера Ќорвезироска, писателка и уредничка во „Арс ламина“.

Издавачката куќа „Арс ламина“ денеска (11 март), на денот кога се одбележуваат 90 години од раѓањето на големата македонска писателка Оливера Николова, која почина во 2024, го прогласи вториот победникот на наградата. Лани победи романот „Џинџуџе“ на Ермис Лафазановски.

Победникот е избран со едногласна одлука на жири-комисијата составена од Ќорвезироска, Лафазановски и Јованка Денкова, професорка по книжевност за деца на Филолошкиот факултет во Штип.

„Романот ’Чудна случка во гратчето Капи и Штици‘ е кус, атрактивен, забавен, смешен, духовит и суптилно ангажиран еколошки ракопис. Екологијата е широко раскажувачко платно на кое се слика со вешти зборовни игри, вратоломни досетки и несекојдневни наративни постапки. Иако е напишан сезнајно, во трето лице, романот на Полазаревски на особено забавен начин внесува дополнителен, непознат глас кој може да биде и лик, но и резервен наратор, сето време директно обраќајќи им се на децата-читатели и вклучувајќи ги во дејството“, стои во одлуката на жирито.

По песни, гатанки, брзозборки, сликовници, раскази и пиеси, Полазаревски првпат пишува роман.

„Се израдував како дете. Па, и не е мала работа да добиеш награда што го носи името на нашата голема уметница, писателката Оливера Николова. Е, тука сакам да му се заблагодарам на жирито што во мојата книга најде материјал за награда, награда која ми е многу драга“, рече Полазаревски.

Промоцијата на книгата „Чудна случка во гратчето Капи и Штици“ и врачувањето на наградата „Оливера Николова“ ќе се одржат на посебен настан.

Фото: Полазаревски, Ќорвезироска и Лафазановски