ДАНСКАТА ПРИНЦЕЗА МЕРИ ЌЕ СТАНЕ ПРВАТА АВСТРАЛИЈКА СО ТИТУЛАТА КРАЛИЦА

Сиднеј, (Си-Ен-Ен)

Бајката за подемот на Австралијката Мери Елизабет Доналдсон до самиот врв на европско кралско семејство ќе биде довршена на 14 јануари, кога нејзиниот сопруг Фредерик ќе стане нов крал на Данска. Тоа беше овозможено откако неговата мајка Маргрет Втора изненадувачки објави за Нова година дека ќе се повлече од престолот, што е прв случај на абдицирање на дански монарх од 1146 година.

Принцезата Мери на тој начин ќе стане првата Австралијка со титулата кралица, 24 години откако го запознала Фредерик во Сиднеј за време на Олимписките игри. Милиони ја гледаа нивната венчавка во 2004 во катедралата во Коленхаген, а двојката потоа доби и четири деца, вклучувајќи близнаци. Нивниот 18-годишен син принцот Кристијан ќе биде првиот во редот за наследство на тронот.

Мери е родена во 1972 во Хобарт, Тасманија, а нејзините родители се Шкотланѓани. Образованието го почнала во Хјустон (Тексас), каде што татко ѝ предавал математика, пред да се врати во Хобарт. По дипломирањето работела во австралиски и глобални рекламни агенции.

Милиони луѓе ја гледаа венчавката на Фредерик и Мери во 2004 во катедралата во Коленхаген (Фото: Гети)

Не знаејќи во прв момент дека е принц, Мери го запознала Фредерик во паб во Сиднеј, кога тој бил во друштвото на брат му принцот Јоаким и членови на други европски кралски семејства. Тие потоа ја продолжиле врската на далечина, а Фредерик неколкупати тајно ја посетил Австралија. Нивната врска била откриена од едно данско списание во ноември 2001, по што Мери се преселила во Данска. Се свршија на 8 октомври 2003.

Освен за сталоженоста и чувството за мода, идната кралица ја фалат и за нејзината цврста посветеност на социјалните каузи преку фондацијата „Мери“, основана во 2007.

„Таа е жесток застапник за бегалците и за сексуалните права на жените и девојките. Мери ја докажа својата вредност како сериозен пример и лидер во Данска и мислам дека Австралија може да биде многу горда на неа. Мислам дека нејзината популарност само ќе расте откако ќе стане кралица“, вели Џулиет Рајден, уредничката на списанието „The Australian Women“.

(Фото: Гети)