ДЕЈАН МИТРОВ ИМА НАЈМУСТАЌ ВО ВЕЛЕС, А ЃОРЃИ ПЕРЧИНКОВ МУСТАЌ ВО ОБИД

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Со голема заедничка забава на сите мустаклии од Велес кои го поддржуваат движењето Мовембар, заврши месецот посветен на подигање на свеста за машките болести. На забавата се избираше најмустаќ и мустаќ во обид на Велес.

Главната титула ја понесе Дејан Митров, кој грижливо изминатиот месец пуштал мустаќи како поддршка на светското движење Мовембар. Истовремено беше избран и мустаќ во обид, што годинава е Ѓорѓи Перчинков.

Со едномесечната акција, здружението „Мовембар Велес“ ја менува сликата и ги отстранува предрасудите за машкото здравје. Сите 30 дена од ноември имаше продажна акција на маички, а на забавата во „Паб“ се собираа и парични средства. Дел од нив биле донирани на сограѓанин за лекување. Остатокот ќе се намени за набавка на апарат кој е потребен на уролошкото одделение во Општа болница Велес.

П. ПЕЧКОВ

Фото: Митров (лево) и Перчинков на забавата во Велес