Детската претстава „Вселенскиот Дедо Мраз“, во која беа употребени песни од популарната серија „Светот на Биби“, се одржа во Њу Џерси за Македонците кои живеат во САД.
„Изминатиот викенд во Њу Џерси, нашите иселеници и нивните дечиња традиционално се собраа на новогодишниот појадок со Дедо Мраз, на кој ги развиваа своите креативни вештини, цртајќи новогодишни цртежи, изработувајќи новогодишни украси и многу други активности. Во составот на македонската црква ‘Св. Кирил и Методиј‘ во Њу Џерси долги години работи и македонското училиште, кое е од огромно значење за нашата заедница во Њу Џерси“, велат организаторите на забавата.

„Еден час неделно можеби не е доволно за децата да ги совладаат основите на македонскиот јазик, но барем успеваме преку забава, игра и учење да им ја доближиме традицијата на нивниот народ“, вели Лилјана Горгиевски, наставничка по македонски јазик и култура во Њу Џерси.
Таа со својата асистентка Александра Огненовска и со повеќето од децата ја подготвија претставата „Вселенскиот Дедо Мраз“, во која беа употребени песнички од популарната македонска детска серија „Светот на Биби“.

Горгиевски вели дека во полн ек се подготовките за божиќната претства „Најголемиот подарок“, која ќе се игра во салата на црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Њу Џерси на 7 јануари 2026.
„Иако дечињата родени и пораснати во Америка знаат дека централно место за прослава зазема католичкиот Божиќ на 25 декември, ќе им покажеме дел од нашите традиционални адети на 7 јануари со втората детска претстава“, вели Горгиевски.
М. ЏАРОВСКА