Филмовите на „Дизни“ нѐ учат дека сѐ во животот поминува полесно и подобро кога имаш некој до себе, пријател, другар, рекоа учесниците на традиционалниот концерт на Филхармонијата на отворено, синоќа (13 јуни) во Градскиот парк во Скопје.

Овој настан е навистина омилен кај македонската публика, која со радост секоја година очекува да види и слушне која ќе биде темата на следниот концерт.

Филмовите на „Дизни“, како „Убавицата и ѕверот“, „Алиса во земјата на чудата“, „Малата сирена“, „Аладин“, „Херкулес“, „Покахонтас“, „Приказна за играчките“, „Книга од џунглата“, „Снежно кралство“ и „Кралот лав“, не се само забава, туку и поука за вредности, за животни лекции, со кои растеле и растат генерации.

Под диригентство на енергичниот Тимоти Редмонд од Велика Британија, одлично звучеа Филхармонијата и солистите Биљана Јосифов (сопран), Денис Димовски (тенор) и Иван Наумовски (бас-баритон), па по големиот аплауз, музичарите на бис изведоа композиција од „Пиратите од Карибите“.


Фото: K. Попов