ДВЕЈН ЏОНСОН СЕ ВЕНЧАШЕ НА ХАВАИ

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

Еден од најплатените холивудски актери Двејн Џонсон потврди дека викендов се оженил со својата долгогодишна девојка Лорин Хашијан. Популарниот Д Рок ги изненади своите фанови на Инстаграм со серија фотографии од венчавката, која вчера се одржала на Хаваи.

(Фото: Инстаграм)

„Го направивме тоа. 18 август 2019, Хаваи“, напиша Џонсон на Инстаграм.

Џонсон и 13 години помладата Хашијан ја почнаа врската во 2007, набргу откако тој се разведе од продуцентката Дани Гарсија и во меѓувреме добија две ќерки, тригодишната Џасмин и 15-месечната Тајана. Тие првично планираа да се венчаат во пролет 2018, но одложија откако Хашијан забремени по вторпат. Џонсон има ќерка и од првиот брак.

„Не ни се брзаше да се венчаме. Јас и онака цело време ја сметав Лорин за моја сопруга“, кажа Џонсон тогаш.