ЕРМИС ЛАФАЗАНОВСКИ ЌЕ ЈА ДОБИЕ КНИЖЕВНАТА НАГРАДА „ОЛИВЕРА НИКОЛОВА“ ЗА РОМАНОТ „ЏИНЏУЏЕ“ НА 5 НОЕМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Доделувањето на книжевната награда „Оливера Николова“ за 2025 и промоцијата на победничкиот роман „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски ќе се одржат на 5 ноември од 19 часот во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје.

На доделувањето на наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади, востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“, ќе се обрати жирито во состав Оливера Ќорвезироска, Весна Мојсова-Чепишевска и Јагода Михајловска-Георгиева. Романот, кој е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина-публикации“, е збогатен со илустрации од Здравко Гиров.

„Џинџуџе“ е прво дело за деца и млади од Лафазановски. Станува збор за модерна бајка за потрагата по среќа, сместена во наше време и на наш простор. Џинџуџе е заедничко име на двајца најдобри пријатели, џинот и џуџето, кои функционираат како едно суштество, а зближени се по принципот на разлики и контрасти.

Наградата „Оливера Николова“ беше востановена на 11 март 2025, на денот на раѓањето на Николова, која почина на 3 ноември 2024. На првиот конкурс за наградата пристигнаа 38 ракописи од 37 автори. Во меѓувреме, „Арс Ламина“ го распиша и вториот конкурс, што трае до 11 јануари 2026.