АВСТРАЛИСКИ ФИЛМОВИ ОД ДЕНЕС ДО СРЕДА ВО КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во Кинотека на Македонија почнува Неделата на австралиски филм, „Австралиски филм: до крајот на светот и понатаму“.

„Австралиската кинематографија, навидум ‘мала’ во споредба со Холивуд, знаела продукциски да изнедри големи кино-хитови, како ‘Крокодилот Данди’ со вкупна заработувачка од 328 милиони долари (вложени помалку од 10 милиони), неговото продолжение од 1988 година, како и ‘Лудиот Макс: Патот на гневот’ на Џорџ Милер, овојпат со Том Харди како антихеројот Макс Рокатански место Мел Гибсон“, велат од Кинотеката.

Оттаму додаваат дека холивудската продукција е незамислива без десетици актери, режисери и останати професионалци на значајни креативни позиции токму од Австралија, како: Питер Финч, Кејт Бланшет, Брајан Браун, Џефри Раш, Хит Леџер, Џуди Дејвис, Пол Хоган, Никол Кидман, Тони Колет, Ерик Бана, Расел Кроу, Хју Џекман, Грета Скаки, Миа Васиковска и Марго Роби.

Филмската ревија почнува вечерва во 20 часот со „Црвениот балон“ на Елиса Даун, утре е „Џиндабајн“ на Реј Лоренс, на 28 јануари игра „Црвениот пес“ на Крис Стендерс, на 29 јануари е „Чинијата“ на Роб Сич, а на 30 јануари ќе се прикаже „Ромул, мојот татко“ на Ричард Роксбург.