БОНГ ЈОН-ХО СЕ ВРАТИ СО НОВ ФИЛМ ПЕТ ГОДИНИ ПО ТРИУМФОТ НА ОСКАРИТЕ СО „ПАРАЗИТ“

Лондон, (Ројтерс)

Јужнокорејскиот режисер Бонг Јон-хо го претстави својот нов филм „Мики 17“ на премиерата во Лондон, негов прв откако триумфираше на Оскарите со „Паразит“.

Заснован врз истоимениот роман на Едвард Ештон, филмот го следи Мики Барнс (Роберт Патинсон), кој мора да умре за да може да живее. Мики е „потрошен“ кадар во мисија за колонизација на далечна планета, па од него се бара да умре и да се врати во живот секој пат како нова верзија на себеси.

„Филмот го поставува прашањето како да живееме почовечки живот. Мики е премногу фин, само несреќни работи му се случуваат и некако успева да го најде своето патување за враќање на сопствениот идентитет. Мислам дека многу луѓе ќе можат да најдат утеха во патувањето на Мики“, изјави Бонг.

Бонг Џун-хо со Марк Рафало, неговата сопруга Санрајс Коигни и Роберт Патинсон (Фото: Икс)

Тој испиша историја во 2020, кога „Паразит“ стана првиот филм од неанглиско говорно подрачје кој освоил Оскар за најдобар филм. Филмот доби вкупно четири оскари.

Запрашан дали чувствувал притисок во правењето на својот следен филм, Бонг кажа:

„Веќе бев во моите 50-ти години кога ги освоив оскарите и гледам да не се возбудувам како личност. Ја задржав смиреноста и кога го работев овој филм“.

„Мики 17“ е научно-фантастична мрачна комедија, во која глумат и Тони Колет, Марк Рафало и Стивен Јеун. Во киносалите низ светот ќе игра од 7 март.

(Фото: Гети)