ДЕНИ БОЈЛ СЕ ОТКАЖА ОД „БОНД 25“ ПОРАДИ КРЕАТИВНИ РАЗЛИКИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Оскаровецот Дени Бојл, кој беше назначен за режисер на новиот, 25. филм од серијалот Џејмс Бонд, ја напушта продукцијата, објавија продуцентите Мајкл Вилсон и Барбара Броколи.

Тие се обратија преку официјалниот Твитер профил на франшизата, заедно со главниот актер Даниел Крег, појаснувајќи дека тоа била одлука на самиот Бојл. Сè уште е нејасно како тоа ќе се одрази врз работата на новиот филм, чија премиера е закажана за 25 октомври наредната година.

„Вилсон, Броколи и Крег денеска соопштија дека Дени Бојл поради креативни разлики одлучил да излезе од проектот ‘Бонд 25‘“, беше објавено на Твитер.

Даниел Крег по петти пат ќе го игра тајниот агент 007. Сценариото, според идеите на Бојл, го напиша неговиот редовен соработник Џон Хоџ.

Бојл претходно има изјавено дека ќе учествува во проектот само доколку добие слобода да ја раскаже приказната на свој начин. Останува нејасно и дали продуцентите ќе останат на сценариото на Хоџ или ќе се вратат на верзијата напишана од Нил Пурвис и Роберт Вејд, авторите на претходните четири филма.