ФИЛМСКА УЧИЛНИЦА ЗА МЛАДИ ОД 13 СЕПТЕМВРИ ВО КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Кинотеката на Македонија на 13 септември ја започнува новата Филмска училница, едукативна програма наменета за ученици од 11 до 14 години кои сакаат да ја откријат магијата на филмот и да ги совладаат првите чекори во создавањето на сопствени кратки филмови.

Филмската училница ќе се одржува секоја сабота до почетокот на декември. Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со процесот на создавање филм, од идеја и сценарио, преку снимање и монтажа, до финална проекција пред публика.

Училницата ќе ја води режисерот Саша Станишиќ, долгогодишен едукатор и филмски професионалец, а како гости-предавачи ќе се вклучат монтажери, кинематографери, сценаристи и продуценти.

Проектот обединува институции и организации од Македонија (Кинотека), Полска (Центар за филмска култура „Анджеј Вајда“), Унгарија (Национален филмски центар), Чешка (Крутон) и Словачка (Кино Усмев), во координација на Гете-институтот од Прага. Повеќе информации за проектот има на веб страницата https://film-ed.eu/.