ГИ ПОТЦЕНУВАМЕ ПОСТАРИТЕ ЛУЃЕ, РЕЧЕ АКТЕРКАТА ХЕЛЕН МИРЕН КОЈА ИГРА ПЕНЗИОНИРАНА ШПИОНКА ВО „КЛУБОТ НА УБИСТВА ВО ЧЕТВРТОК“

САД, (Ројтерс)

Актерката Хелен Мирен, една од ѕвездите на „Клубот на убиства во четврток“, филм за група пензионери кои уживаат во решавање на нерешени случаи на убиства, рече дека е одлично да се видат животните искуства на постарите луѓе како се слават на екранот.

Осумдесетгодишната Мирен ја игра поранешната шпионка Елизабет Бест во новата мистерија на „Нетфликс“, која заедно со нејзините пензионирани пријатели кои ги играат Пирс Броснан, Бен Кингсли и Селија Имри се наоѓаат во ситуација да решат вистинско убиство.
„Ги потценуваме постарите луѓе. Јас го направив тоа кога имав 25 години“, рече Мирен на премиерата на филмот во Лондон.
„Апсолутно е точно дека младите луѓе се чувствуваат како светот да е нивен и никој никогаш порано не го направил она што го прават тие“, рече актерката.
Режиран од Крис Колумбус, филмот е базиран на истоимениот бестселер на Ричард Осман од 2020.
„Воопшто не пишувам заплет“, рече Осман за својот процес на пишување. „Имам груба претстава за тоа што може да се случи. Имам мал пресврт некаде, но буквално пишувам поглавје по поглавје и гледам што ќе се случи“, рече тој.

Опишувајќи го филмот, една од сценаристите, Кети Бренд, рече дека тој меша „сериозна, срдечна топлина“ и моменти на глупост, хумор и сатира.

Филмот ќе се емитува на „Нетфликс“ на 28 август.

 

Фото: Гети