Сопствениците на франшизата „Хелоу Кити“, чии дизајни веќе се појавија на пижами, кутии за пенкала и на автобуси, како и во стрип и видеоигри, потпишаа договор за снимање филм.

По петгодишно преговарање, јапонската фирма „Санрио“, која менаџира со ликот, потпиша договор со студиото „Њу лајн синема“, кое работеше на трилогиите „Господар на прстените“ и „Хобит“.

„Веднаш ќе почне потрага по сценаристи и креативни таленти“, стои во соопштението на „Санрио“.

Во изминатите 45 години, мачката со црвена панделка, популарна кај детската и тинејџерската публика, заработи милијарди долари со продажба на облека, играчки и други производи во 130 земји.