Режисерот Гоце Цветановски го направи кастингот за првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“, што го прави екипата од студиото за анимација „Линкс“ од Скопје.

Жарко Димоски, младиот актер од Театар Комедија, ќе го позајми гласот на главниот лик Јон Вардар, а во останати улоги ќе бидат Дамјан Цветановски, Ангела Стојановска, Тони Денковски, Мартин Манев и Филип Трајковиќ, исто така актери првенствено ангажирани во театар. Цветановски, Манев и Денковски се дел и од популарната импровизаторска театарска група „Настап“.

(Фото: Линкс)

Снимањата на гласовите овие денови се одвиваат во скопското студио „Аудиохаус“, а филмот дополнително ќе биде синхронизиран и на англиски.

Најавен како „најсмешна вселенска опера на сите времиња“, „Јон Вардар против галаксијата“ е македонско-бугарско-хрватска копродукција.

(Фото: Линкс)

 

Јон Вардар е обично момче чиј здодевен живот се претвора во неверојатна авантура низ галаксијата откако ќе биде киднапиран од роботот Зарк, по што ќе се соочи со цела палета вонземјани, чудовишта и други суштества, но и ќе му се случи романса.

Цветановски е режисер и сценарист на филмот, арт директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, а продуценти се Алан Кастиљо и Марко Угарковиќ.

Најавено е дека филмот ќе излезе кон крајот на идната година.

Г. КОНЕВ