Фарма за пастуви во Чешка основана пред 440 години е првата фарма која се најде на листата на заштитено светско културно наследство на УНЕСКО.

Фармата, што се наоѓа во градот Кладруби на Лаба, 90 километри од Прага, била основана за одгледување и тренирање коњи за свечености на дворот на владетелот на Хабсбуршката Монархија.

Таа официјално почнала со работа во 1579, кога царот Рудолф Втори ѝ дал царски статус, а ја основал неговиот татко, царот Максимилијан Втори. Меѓу славните гости кои го посетувале местото, каде има и мал замок и црква, биле и царот Франц Јозеф Први и неговата сопруга Елизабета од Баварија.

Фармата има површина од 1.310 хектари, исто како и во 16. век (Фото: АП)

Фармата преживеала војни и голем пожар во 18. век, а по распадот на Австро-Унгарија во 1918, ја презела новоформираната држава Чехословачка. Традицијата на одгледување коњи опстанала и во комунистичкото владеење.

Во 2015, целиот простор беше реновиран со голема сума пари од фондовите на Европска Унија. Фармата зафаќа површина од 1.310 хектари, исто како и во 16. век.

„Фармата во Кладруби е една од водечките институции во Европа за одгледување коњи, создадена во време кога коњите имале значајна улога во транспортот, земјоделството, војувањето и во аристократското претставување“, објави УНЕСКО.