ЌЕ СЕ СНИМА НОВА ТРИЛОГИЈА „ВОЈНА НА ЅВЕЗДИТЕ“, НО И ТВ-СЕРИЈА

Лос Анџелес, (Јаху)

Компанијата „Лукасфилм“ објави дека е во подготовка комплетно нова трилогија „Војна на ѕвездите“, што нема да се базира врз Лук Скајвокер, туку ќе се фокусира врз ликови од друг агол на галаксијата, што досега не бил истражен од оваа франшиза.

Довербата да ја разработи новата приказна му е дадена на Рајан Џонсон, сценаристот и режисер на „Војна на ѕвездите: последниот џедај“, чија премиера е закажана за 15 декември.

Џонсон, кој ја одби понудата да ја снима последната, деветта епизода од сагата за Лук Скајвокер, што ќе излезе во 2019 година, повторно ќе работи со својот долгогодишен соработник Рем Бергман, но други детали за амбициозниот проект не се објавени.

„Уживавме да работиме со Џонсон на ‘Последниот џедај‘, тој има голема креативна сила. Рајан ќе заврши неверојатна работа со новата трилогија“, изјави претседателката на „Лукасфилм“, Кејтлин Кенеди.

Покрај тоа, универзумот на „Војна на ѕвездите“ ќе добие и своја ТВ-серија, што треба да излезе, исто така, во 2019 година, кога ќе биде заокружена приказната што Џорџ Лукас ја почна во 1977 година.