Кристијан Бејл откри дека се кае што глумел во „Терминатор: Спасување“ во 2009 година, четвртиот дел од славната франшиза.

Актерот, кој игра главна улога во новиот филм „Непријатели“, вели дека трипати ја одбил улогата на Џон Конор, пред да ја прифати и да им докаже на сите дека тоа е лоша одлука.

„Трипати реков не. Си помислив за франшизата и си реков ‘мх, овде нема приказна‘“, изјави тој во интервју за Ем-Ти-Ви.

Бејл додава дека врз филмот влијаела серија несреќни настани, како штрајкот на Здружението на писателите и заминувањето на Џонатан Нолан, кој го напуштил проектот откако го претворил текстот во „прекрасно” сценарио.

„Тоа е голем срам за мене, бидејќи сакав да ја заживееме франшизата. И, за жал, за време на продукцијата се гледаше дека тоа нема да се случи“, кажа холивудската ѕвезда, кој претходно откри дека не е задоволен и од неговата изведба на Бетмен во трилогијата на Кристофер Нолан.

Арнолд Шварценегер, кој глумеше во сите делови на „Терминатор“ освен во „Спасување“, има изјавено дека четвртото продолжение воопшто не му се допаднало, дури му било одвратно.