КРИСТОФЕР ПЛАМЕР НОМИНИРАН ЗА ЗЛАТЕН ГЛОБУС ЗА УЛОГАТА ШТО МУ ЈА ОДЗЕДОА НА КЕВИН СПЕЈСИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Ветеранот Кристофер Пламер доби номинација за Златен глобус за улогата во којашто го замени Кевин Спејси.

Пламер, кој за два дена ќе наполни 88 години, е номиниран за најдобра споредна улога во филмот „Сите пари на светот“, каде што го игра милијардерот Џин Пол Гети, кој одбива да плати откуп за својот киднапиран 16-годишен внук, во фамозен случај од 1973 година.

Пред само еден месец беше објавено дека Пламер ќе ја добие оваа улога, откако режисерот Ридли Скот беше принуден да му врачи отказ на Спејси поради неговиот секс-скандал со малолетник пред 30 години.

Според „Вараети“, Спејси до тогаш веќе две недели учествувал во снимањето, а се појавува и во трејлерот за филмот, што беше објавен во септември. Поради потребата од повторното снимање на некои сцени, буџетот на филмот пораснал за десет милиони долари, но, сепак, ќе биде подготвен за планираната светска премиера на 22 декември.

„Жал ми е за ова што му се случи на Кевин. Тој е неверојатно талентиран актер и штета што вака излезе“, кажа Пламер.