МЕЛ ГИБСОН СЛЕДНАТА ГОДИНА ЌЕ ГО СНИМА ПРОДОЛЖЕНИЕТО НА „ПАСИЈА“

Лос Анџелес, (Дедлајн)

По неколку години шпекулации, долгоочекуваното продолжение на „Пасија“ (The Passion of the Christ) ќе почне да се снима во 2025. Режисер повторно ќе биде Мел Гибсон, а во главната улога ќе се врати Џим Кавиезел.

Насловен „Пасија: Воскресение“ (The Passion of the Christ: Resurrection), филмот ќе ја продолжи приказната за распнувањето на Исус и ќе се фокусира на настаните по неговата смрт.

Италијанските медиуми објавија дека Гибсон бил на Малта за да бара локации за снимање на филмот, кој би требало да има премиера во 2026.

„Пасија“ излезе во 2004 и стана културен феномен, заработувајќи над 600 милиони долари на киноблагајните.

За продолжението, Гибсон вети пообемен и визуелно импресивен приказ на воскресението и деновите по него.

„Не се работи само за она што се случило во тие три дена, се работи за она што се случило во целото царство. Филмот ќе навлезе во невидени сфери и во натприродното, мешајќи ја историската нарација со мистичните елементи“, најави Гибсон неодамна.

(Фото: Италпрес)