Мерил Стрип изјави дека не била свесна за постапките на Харви Вајнстин додека работеле заедно, откако актерката Роуз Мекгоуван ја обвини за дволичност.

Таа одговори на обвинувањата од Мекгоуван, една од жртвите на Вајнстин, дека свесно молчела додека голем број нејзини колешки трпеле тортура од моќниот холивудски продуцент. Мекгоуван затоа ја нападна одлуката актерките да носат црно на претстојните Златни глобуси, во знак на протест против сексуалното вознемирување во Холивуд.

„Не молчев свесно. Јас не знаев. Тој ме требаше мене повеќе отколку јас него. Не одобрувам силување или млади жени да бидат напаѓани. Не знаев дека ова се случува. Харви Вајнстин не беше филмаџија. Тој беше продуцент на туѓи филмови, некои добри, некои лоши. Но, не сите кои соработувале со него знаеле дека тој злоупотребува жени или дека ја силувал Роуз во 90-ите. Не знаевме додека тие не кажаа. Роуз кажа некои работи за мене кои не се вистинити, се надевам дека ќе ми се јави“, изјави Стрип.

Стрип ѝ порача на Мекгоуван дека се на истата страна во оваа борба.

„Сите вие бевте среќни што работите со Вајнстин. Вашиот молк е проблем. Ја презирам вашата дволичност“, напиша Мекгоуван на Твитер викендов.