ПЕЈАЧКАТА КАМИЛА КАБЕЛЈО ЌЕ ДЕБИТИРА НА ФИЛМ КАКО НОВАТА ПЕПЕЛАШКА

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Младата кубанско-американска пејачка Камила Кабелјо ќе биде главната ѕвезда на новата филмска верзија на „Пепелашка“. Тоа ќе биде прва филмска улога за 22-годишната Кабелјо, која ќе биде вклучена и во правењето на музиката. Продуцент на проектот на „Сони“ е британскиот комичар и водител Џејмс Корден.

Филмот во режија на Кеј Кенон нема да биде римејк, туку модерна адаптација на класичната бајка, во која ќе бидат додадени и неколку песни.

Кабелјо е една од најбрзо растечките светски музички ѕвезди, чиј дебитантски албум, кој излезе лани, стигна до првото место на листата на „Билборд“. Таа беше номинирана за две Греми награди, а песната „Хавана“ беше еден од најголемите хитови за 2018 година.