Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ на режисерот Гоце Цветановски ја освои наградата „Сребрен Чин“ доделена од детското жири на 19. издание на Индискиот филмски фестивал за деца и форум CHINH, што се одржа од 9 до 14 ноември во Њу Делхи, Индија.
CHINH фестивалот е една од водечките азиски платформи посветени на детски филм и медиумска писменост. Карактеристично за фестивалот е што децата самите ги гледаат, дискутираат и гласаат за филмовите. Фестивалот CHINH е познат и по тоа што наградените филмови влегуваат во нивната широка образовна мрежа од библиотeки, училишта и културни центри.
„Ова признание ни е особено драго затоа што доаѓа директно од публиката за која филмот е создаден“ изјави Цветановски по добивањето на наградата.
„Индија има неверојатна традиција во детската култура и образование, и голема чест е да се најдеме меѓу наградените филмови“, додаде тој.