ПОТВРДЕН ФИЛМОТ ЗА ЏОКЕР СО ХОАКИН ФЕНИКС

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

„Ворнер брос“ и официјално потврди дека ќе прави филм за потеклото на Џокер, при што еден од најомилените негативци би требало да го игра Хоакин Феникс, кој е во завршни преговори за улогата.

Филмот за најголемиот непријател на Бетмен ќе почне да се снима во септември во Њујорк, а режисер и коавтор на сценариото ќе биде Тод Филипс. Засега не е познато кога филмот треба да излезе.

„Филмот ќе го истражува човекот кој е занемарен од општеството, но тоа нема да биде само карактерна студија, туку и поширока предупредувачка приказна“, најавија од компанијата.

Буџетот е поставен на 55 милиони долари, што е значително помалку од други слични филмови. Опишан како крими драма, планирано е филмот да биде мрачен и експериментален.

„Ворнер брос“ не ја исклучува можноста да сними уште еден филм со Џеред Лето како Џокер, но тој сега има други проекти во план.