ПРЕМИЕРА НА ФИЛМОТ „УТРЕ НАУТРО“ НА ЈАНИ БОЈАЏИ НА 19 НОЕМВРИ ВО СИНЕПЛЕКС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Филмот „Утре наутро“ на Јани Бојаџи премиерно ќе биде прикажан утре (19 ноември) во скопското кино Синеплекс. Сценариото, режијата и музиката се на Бојаџи, кој е и продуцент, извршен продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Дарио Секуловски, монтажер е Давид Дулев, сценограф е Гоце Попов, костимите се на Зорка Тодорова, а шминката на Ирена Сенокозлиовска.

Филмот е инспириран од организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.

„ ‘Утре наутро’ е политичка драма во кој ги опсервирам луѓето кои ги носат одлуките со чии последици се соочуваме ние. Ова е приказна инспирирана од вистински настани кои се случиле меѓу 2014 и 2017 година. Заплетот на приказната е фаталниот 27 април 2017 и се занимава со прашањето што после тоа. Зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците на одлуките кои ги носат т. н. глави на семејствата – татковците, мажи на извесна возраст од сите нации и религии во Македонија, неподготвени да се соочат со фактот дека последиците од одлуките кои тие ги носат најесто ги сносат нивните семејства и сите други семејства. Филмот е посветен на сите оние жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени“, вели Бојаџи.

Во главните улоги се Нина Деан и Ирена Илиевска, а играат и Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Кети Дончевска-Илиќ, Бајрам Северџан, Горан Стојаноски, Васил Зафирчев, Роберт Вељановски, Благој Веселинов, Јана Вељановска и Димитрина Мицкоска.

Продуценти се „Синемон медија фактори“ и „Револушн продакшн“, во соработка со ТВ „Алфа“.

Кинодистрибуцијата низ Македонија ќе почне на 20 ноември и веќе се закажани проекции во Штип, Велес, Богданци, Струга и Крива Паланка.

(Фото: К. Попов)