Добитникот на Златниот лав на Венецискиот филмски фестивал, „Татко, мајка, сестра, брат“ на Џим Џармуш, од 29 јануари ќе игра во скопското кино Синеплекс, а од 9 февруари во Кинотеката. Дистрибутерот „МЦФ мкд“ најавува дека ќе игра и во Киноверзум во скопската Општина Кисела Вода и во Центарот за култура во Битола, но термините ќе бидат дополнително објавени.
„Татко, мајка, сестра, брат“ е хумористична драма на Џармуш, еден од најзначајните американски независни филмски режисери, кој се враќа со совршено конструиран филмски триптих. Филмот раскажува три различни, но тематски поврзани приказни за сложените односи помеѓу возрасните деца и нивните емотивно оддалечени родители. Секоја од приказните се одвива во денешно време и во различна земја – Италија, Франција и САД. Играат Адам Драјвер, Кејт Бланшет, Шарлот Ремплинг и Том Вејтс.