Новата верзија на анимираната класика „Кралот лав“ несомнено е еден од најисчекуваните филмови за 2019 година и доказ за тоа се бројките кои го следат објавувањето на првиот трејлер.

Едноминутната снимка објавена во петокот, која дава прв увид во филмот, беше отворена 224,6 милиони пати во првите 24 часа, што е нов рекорд за студиото „Дизни“. Апсолутниот рекорд е во сопственост на „Одмаздници 3“ на „Марвел“, чиј трејлер имаше 238 милиони прегледи за период од 24 часа.

Ова е најновиот римејк на „Дизни“ во форма на фотореална анимација, а следи по големиот успех на „Убавицата и ѕверот“. Студиото ги најави и новите верзии на „Дамбо“, „Аладин“ и на „Мулан“.

Режисерот Џон Фавро им ги додели главните улоги на Доналд Гловер (Симба), Бијонсе (Нала) и на Чиветел Еџиофор (Скар), а Тимон и Пумба се Били Ајхнер и Сет Роген. Премиерата е закажана за јули 2019 година.