ТРИЕСЕТ ФИЛМОВИ ЌЕ СЕ ПРИКАЖАТ НА 14. ИЗДАНИЕ НА ТЕТОВСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ „ВОЧ АУТ“

Тетово, (СМАРТ СДК.МК)

Четиринаесеттото издание на филмскиот фестивал „Воч аут“ (Watch Out) во Тетово се фокусира на влијанието на уметноста и на улогата на филмот во обликувањето на перспективи и поттикнувањето на промени.

За годинашното издание се пријавиле 892 филмови од 92 земји од сите шест континенти. Стручното жири кое го сочинуваат Синоличка Трпкова – актерка и универзитетска професорка, Марио Е. – новинар и фотограф од Германија и Висар Круша – сценарист и продуцент од Косово избра 30 филмови кои ќе бидат прикажани од 18 до 21 јуни на отворен простор во амфитеатарот на Музејот на комунистичката партија на Македонија.

Стручното жири додели и награди во три категории. За краток филм награден е „Човекот кој не можеше да молчи“ (фото) од хрватскиот автор Небојша Слијепчевиќ, кој лани освои Златна палма на Канскиот фестивал и беше номиниран за Оскар. Во категоријата експериментален и анимиран филм награден е филмот „Сок од портокал“ на Александар Атане од Франција, додека во категоријата документарен филм наградата ја доби „Заробена жена“ од Шпанецот Итаксо Дијаз.

Во рамките на фестивалот ќе се одржат и работилници и концерт.

З. АНДОНОВ