Холивудската актерка Амбер Херд, ѕвезда на филмот „Аквамен“, го чека своето второ дете, објави „Пипл“.
„Сè уште е доста рано во бременоста, па не сакаме да објавуваме многу детали во оваа фаза. Доволно е да се каже дека Амбер е воодушевена и за себе и за Уна Пејџ“, изјави нејзиниот портпарол.
Херд е мајка на три и полгодишната ќерка Уна Пејџ. Холивудските медиуми тогаш пренесоа дека ја добила преку сурогат мајка. Херд ја објави веста за Уна Пејџ три месеци по нејзиното раѓање и напиша на Инстаграм дека „одлучила дека сака да има дете четири години претходно и да го направи тоа по нејзини услови“.
Херд од 2015 до 2017 беше во турбулентен брак со Џони Деп, кој во 2022 го доби судскиот спор против неа поради нејзината колумна во „Вашингтон пост“ од декември 2018, во која таа се опиша себеси како „јавна личност која искусила семејно насилство“, без да наведе имиња. Деп тврдеше дека колумната му ја упропастила кариерата и му го нарушила угледот, па поднесе тужба во 2019. По судскиот спор, Херд се пресели во Шпанија.
(Фото: Инстаграм)