ХАРИ И МЕГАН СЕ ПРЕСЕЛИЈА ВО САД, ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА НЕМА ДА ИМ ГО ПЛАЌА ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Доналд Трамп изјави дека САД нема да плаќаат за обезбедувањето на принцот Хари и Меган Маркл, откако тие се доселија од Канада непосредно пред да бидат затворени границите поради кризата со коронавирусот.

„Јас сум добар пријател со него и имам голема почит кон кралицата и Велика Британија. Но, тие мора да платат“, напиша Трамп на Твитер.

Двојката изјави дека нема да бара јавни средства за своето обезбедување во САД.

На Хари и Меган утре и официјално им завршуваат кралските задолженија откако одлучија да се осамостојат од британското кралско семејство и во прв момент се населија на западниот брег на Канада.

Заедно со 10-месечното синче Арчи, тие се преселиле во Калифорнија и според американските медиуми, отсега ќе живеат во областа на Лос Анџелес, каде што Меган пораснала и каде што живее мајка ѝ Дорија Регленд.

Таткото на Хари, принцот Чарлс, минатата недела имаше позитивен тест на коронавирус.