ХАРИ И МЕГАН НЕ ПОДНЕСУВААТ МЕДИУМИ, САМО ЕДЕН НОВИНАР ЌЕ ИМА НА СВАДБАТА

Лондон, (Њујорк тајмс)

Британските медиуми речиси целосно ќе бидат исклучени од покривањето на претстојната свадба на принцот Хари и Меган Маркл.

Тие објавија дека само еден новинар ќе добие пристап во капелата „Сент Џорџ“ на 19 мај, а уште четворица фоторепортери ќе можат да бидат надвор.

Портпаролот на палатата Кенсингтон појасни дека ова се должи на малиот простор во капелата, но и затоа што, за разлика од свадбата на Вилијам и Кејт, ова не е службен државен настан.

Сепак, не е тајна дека Хари и Меган немаат добар однос со домашните медиуми, што датира уште од времето кога се дозна дека таа му е девојка. Хари тогаш ги обвини медиумите дека ја малтретирале Меган.

„Не можам да замислам дека прес-службата на палатата така го советувала принцот. Тој и Меган добро знаат што имаат пишувано медиумите во минатото и сигурно си рекле дека не сакаат никого од нив на својата венчавка. Тоа е јасна порака“, вели искусниот фоторепортер на „Сан“, Артур Едвардс, кој цела кариера го следи кралското семејство и забележува:

„Тој дури не кажува ‘добро утро‘ на никого од нас. Генерално, многу е вознемирен од медиумите“.