ХЕРОЈОТ НА ВАРДАР ИВАН ЧУПИЌ ЈА ЗАВРШУВА РАКОМЕТНАТА КАРИЕРА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Еден од најдобрите хрватски ракометари на сите времиња Иван Чупиќ ќе ја заврши кариерата на крајот на сезоната, објавија хрватските медиуми. Триесет и деветгодишното десно крило, кое моментално настапува за Загреб, помина дел од кариерата и во Вардар, со кој освои две титули во Лигата на шампионите.

Во богатата колекција трофеи Чупиќ има три сребра и три бронзи со хрватската репрезентација од светските и европските првенства, како и олимписка бронза од 2012, а европски клупски првак беше и со полско Кјелце.

Чупиќ играше за Вардар од 2016 до 2021 година и ќе остане запаметен како херој на триумфот против Пари Сен-Жермен во финалето на Лигата на шампионите во 2017, кога го постигна победничкиот гол на две секунди до крајот.

Најголем дел од кариерата играше без прст на шутерската, лева рака, откако го изгуби во бизарна незгода пред 16 години.

Фото: Ѓ. Личовски