И по 30 години, скечевите на „К-15“ се уште смешни и можат да развеселат неколку илјади луѓе, овојпат во живо. Бубо Каров. Бранко Огњановски и Васко Тодоров сношти (16 мај) во салата „Борис Трајковски“ во Скопје ја почнаа серијата од три концерти со кои култните Миле Паника, Тошо Малерот и Цацко Конопишки слават 30 години.

Смеењето почна уште пред да се појававт на сцената, со скечевите на видеобим со кои израсна една генерација на телевизија, а потоа и уште неколку, на јутјуб и на социјалните мрежи. „К-15“ имаат и млади фанови кои не се родени во 1990-тите кога тие ентузијастички почнаа на тогашната телевизија „А1“, а го задржаа статусот на урбани херои и денес. Меѓу публиката привлече внимание едно момче, облечено во костим сличен на Тошо Малерот.

Во живо, триото глумеше дел од старите легендарни скечеви како оној со „Струшките ручеци на поезијата“, оној кога Цацко Конопишки раскажува за најдобриот филм што го гледал, „со кичмата“, моментот кога Тошо сака да скокне од покрив поради девојка и многу други.

Скечевите беа прилагодени на денешно време па така во легендарната комитска приказна со Гоце Делчев, Никола Карев и Питу Гули кои се релаксираат во турска бања, Јане Сандански е прикажан како инфуенсер чије влијание на социјалните мрежи ќе помогне повеќе луѓе да дознаат за Илинденското востание.

Шоуто беше професионално одработено од почеток до крај. Го режираше Синиша Евтимов, а песните на „Дуо трио“ ги свиреше голем оркестар со три придружни вокали. Со оркестарот диригираше Џијан Емин, и самиот фан на „К-15“ и асистент во дел од скечевите.

Најемотивен момент беше појавувањето на Андреј Ѓорѓиески, вокалот на групата „ДНК“ кој загина во пожарот во Кочани на 16 март. Ѓорѓиески се има појавено во дел од првите скечеви на „К-15“ и беше дел од нивната продукција. Публиката му оддаде почит со голем аплауз. Се потсетивме и на Есма Реџепова која исто така учествувала во нивните скечеви, Дарко Панчев, Весна Петрушевска, Виктор Петров- Викса. Легендарниот Емануел Бапчо беше во публиката, и доби сканидрање и силен аплауз.

Не беа само Миле, Тошо и Цацко на сцената, туку и Ристо и Блажо, Климе од Охрид и други, а гледавме дел од документарецот снимен за „К-15“. „Дуо трио“ нѐ развесели и со хитовите што и денес се пеат како „Градинарот цвеќето го расне“ и „Билјана сајла немаше“, на која цела сала ги запали телефоните.
„Ова беше посебно емотивна вечер за сите нас“, рекоа „К-15“ на крајот. Вечерва (17 мај) и утревечер (18 мај) се вториот и третиот концерт во истата сала.

Интересот за три концерти покажа дека луѓето се желни за забава и смеа, а Бубо Каров, Бранко Огњановски и Васко Тодоров им ја исполнија желбата.
М. ЏАРОВСКА