Во галеријата „Рудиќ“ во Скопје беше промовирана книгата „Портретот во македонската фотографија“ на Златко Теодосиевски, историчар на уметност, ликовен критичар и културен истражувач, кој во последниот период од неговото книжевно творештво посебен акцент става на македонската фотографија. По четиритомното издание „Пролегомена за македонската фотографија“, неговата петта книга повторно е посветена на фотографијата, но сега е насочена кон портретот.
„Овие фотографии што се на изложбата и овие фотографии што се дел од оваа книга, тоа е само еден можен избор. Претпоставувам дека секој може да направи свој избор, кој исто така може да биде релевантен за современиот миг на македонската фотографија, но тоа е убавината на уметноста. Мене ми беше задоволство да ги сработам оние први четири книги за историскиот развој на македонската фотографија. Ова сега е посебен предизвик, жанровски да ги обработам портретот, автопортретот, за што книгата речиси е готова, можеби пејзажот и актот и тоа би биле некои четири главни пункта на кои што се темели фотографијата од почетоците до денес“, изјави Теодосиевски.
Во својата нова книга Теодосиевски го следи развојот на портретот во македонската фотографија, при што се задржува на одделни критички размисли за одделни фотографии или опуси на одделни македонски фотографи, со цел да му овозможи на читателот, но и на идниот проучувач на македонската фотографија движење низ материјалот и историски и критички.
Покрај промоцијата на книгата, поставена е и изложба на дваесетина фотографии од авторите кои се застапени во книгата, почнувајќи од портрети направени од доајените на македонската фотографија Благоја Дрнков, Живко Јаневски и Лазо Величковски, до фотографии од современи македонски фотографи.
З. АНДОНОВ
(Фото: СМАРТ СДК.МК)